Актуелната шампионка, Симона Халеп без мака се пласираше во четврт-финалето на Ролан Гарос, откако со 6:1/6:0 и даде вистинска тениска лекција на Полјачката Ига Свјонтек.
На светската тенисерка број 3 и беа потребни само 45 минути да ја испрати на трибините 18-годишната Полјачка, и сега ќе игра со подобриот од дуелот меѓу уште две млади тенисерки – 21-годишната Шпанка Алиона Болсова и 17-годишната Американка Аманда Анисимова.
По мизерната форма во поголемиот дел од 2019 година, Александер Зверев, конечно, се враќа во форма, откако го совлада шампионот од Монте Карло, Фабио Фоњини со 3:6/6:2/6:2/7:6(5) за пласман во четврт-финалето, каде што доаѓа вистинскиот тест – светскиот број 1, Новак Ѓоковиќ.
Со 14 аса и дури 12 двојни сервис-грешки, Зверев успеа да спаси седум од деветте брејк топки и имаше 34 победнички топки, исто колку што имаше и неизнудени грешки. Фоњини не успеа да го оддржи темпото, освен во првиот сет, а осетна беше и неговата повреда на ногата.