Марсел Хиршер го искористи падот на својот сонародник Марко Шварц во второто возење за по петти пат во кариерата да триумфира на „Црвениот спуст“, слаломската новогодишна класика на Сљеме покрај Загреб.
Хиршер беше втор по првото возење зад Шварц, и на крајот триумфираше со комбинирано време од 1:48.64, за 60 стотинки од секундата побрзо од Французинот Алексис Пинтуро и 62 стотинки пред уште еден Австриец, Мануел Фелер. Топ 5 го комплетираа Французинот Клемен Ноел и Норвежанецот Хенрик Кристоферсен, додека домашните фанови имаа причина за радост откако анонимниот Исток Родеш го освои седмото место.
Хиршер останува апсолутен лидер во генерален пласман во Светскиот куп со 756 поени пред Кристоферсен со 421 и уште еден Австриец, специјалистот за брзински трки, Макс Франц со 408 поени.