Капитенот на австралиската Дејвис куп репрезентација и поранешен гренд слем шампион, Лејтон Хјуит вели дека неговиот сонародник, Ник Кирјос треба да е горд на својот пораз во финалето на Вимблдон од Новак Ѓоковиќ и го очекува да се врати во репрезентацијата ова година, откако тој ја одби претходната покана.
„Секако, ние би сакале тој да игра за нас. Со него сме многу посилен тим и ако е достапен сигурен сум дека ќе одговори на поканата. Тој исто така е достапен и за мечевите во двојки и во сингл, што е многу важно во овој формат. Да се има такво оружје е нешто што сите го посакуваат. Знам дека сега е разочаран што беше толку блиску, но не победи, но треба да биде екстремно горд на својот настап и му го кажав тоа. Само треба да продолжи да верува во самиот себе“, вели Хјуит, кој во сабота ќе биде вклучен во Интернационалната тениска куќа на славните.