Top Sport

ИОЦ бара целосно исклучување на Русија и Белорусија од светскиот спорт

Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) преку соопштение објави дека руските и белоруските спортисти не треба да учествуваат на сите интернационални спортови поради прекршувањето на „олимпиското примирје“.

„За да се заштити интегритетот на глобалните спортски натпреварувања и за безбедност на сите учесници, препорачуваме сите интернационални спортски федерации да не ги покануваат руските и белоруските спортисти и официјали лица на интернационалните натпреварувања. Ако не е возможно да се отстранат поради организациски или легални причини, тогаш треба да се направи се што е во моќ тие да се натпреваруваат под неутрален статус без ивното знаме и химна“, се вели во објавата на ИОЦ.

ИОЦ исто така потврдува дека наградата „Олимписки ред“ му се одзема на рускиот претседател Владимир Путин, заменикот премиер Дмитриј Чернишенко и на поранешниот министер за спорт на Русија, Дмитриј Козак.

Претседателот на Рускиот олимписки комитет, Станислав Поздњаков реагираше на ваквата одлука, велејќи дека се работи за прекршување на олимписката повелба.

„Во олимписката повелба и во сите претходни изјави на лидерите на ИОЦ се вели дека спортистите се срцето на олимпиското движење и дека нивните права се најважни, вклучувајќи ги и политичките. Денешната одлука се спротиставува на документите на ИОЦ во повелбата и во духот на олимпиското движење, кое е направено да обединува, а не да разединува, посебно кога се работи за спортистите и правото на еднаквоста на учество во олимпиското движење“, вели Поздњаков.

Scroll to Top