Top Sport

Ниту шахистите не смеат да го поддржуваат Путин – казни за Карјакин и Шипов

Светската шаховска федерација (ФИДЕ) најави казни за руските велемајстори Сергеј Карјакин и Сергеј Шипов откако двајцата го поддржаа рускиот претседател Владимир Путин и воената интервенција во Украина.

Карјакин, кој е роден на Крим, во неделата преку социјалните мрежи изјави дека целосно ја поддржува борбата за „демилитаризација и денацификација“ на Украина.

„Во ова тешко време ви се обраќам кога нашата земја, предводена од вас, се бори за безедноста на мирољубивиот руски народ во Донбас. Борбата е за демилитаризација и денацификација на Украина со сегашниот режим кој ја постави безбедноста на цела Европа во опасност за политички цели и амбиции. Ја следам специјалната операција во земјите каде што го поминав моето детство, каде што научив да играм шах и каде што живеат моите роднини. Осум долги години чекавме надеж за спас од постојаното ракетирање и геноцидот кој го правеше режимот во Киев“, напиша 32-годишниот Карјакин, кој во 2016 година загуби од норвешкиот шампион Магнус Карлсен во борба за светската титула.

ФИДЕ реагираше со тоа што најави дека комисијата за етика и дисциплина ќе го истражува Карјакин и Шипов. Инаку, претседател на ФИДЕ е поранешниот руски заменик премиер Аркадиј Дворкович, и во саботата објави дека на Русија и Белорусија нема да им се дозволи организирање на ФИДЕ натпревари, а шахистите на овие две земји нема да може да го користат своето национално знаме.

Scroll to Top