Марин Чилиќ одигра добра партија, но на крајот мораше да го признае поразот од Роџер Федерер во финалето на Австралија опен, и легендата на хрватскиот тенис Горан Иванишевиќ има што да каже за мечот.
Иако дел од тениските стручњаци ги обвинија организаторите дека го затвориле покривот на арената „Род Лејвер“ за да му „помогнат“ на Федерер, самиот Чилиќ го отфрли тоа, и на крајот фер го призна деветтиот пораз во 10 меча со Швајцарецот.
Чилиќ досега го имаше победено Федерер само во полуфиналето на САД опен во 2014, кога ја освои својата единствена гренд слем титула. Тогаш тренер на Чилиќ беше токму Иванишевиќ.
„Роџер ќе се обидеш да го убиеш, но тој секогаш ќе стане. Мораш да го убиеш 38 пати, бидејќи тој повторно ќе биде на нозе. Тоа е како во филмовите, едноставно ќе мораш да се увериш дека си го убил“, објасни сликовито Иванишевиќ.