Top Sport

Јагоди, шлаг и елитен тенис – во понеделник почнува спектаклот на Вимблдон

Од специјалниот известувач од Вимблдон, Ненад Живановски

Во понеделник во Лондон почнува 136-то издание на најстариот тениски турнир Вимблдон, кој, многумина тенисери, го сметаат и за неофицијално светско првенство. Во наредните две седмици, најдобрите светски тенисери и тенисерки ќе се обидат да триумфираат во некоја од петте категории: машка, женска, игра во двојки и микс двојки.

За главен фаворит за освојување на третиот овогодишен гренд-слем турнир се смета минатогодишниот победник, Србинот Новак Ѓоковиќ, а,во отсуство на Шпанецот Рафаел Надал, неговиот сонародик Карлос Алкарас, важи за фаворит од сенка, иако е прв носител на турнирот. И за букмејкерите нема дилема дека Новак е главен фаворит со коефициент 1.7, Алкарас има коефициент 5, а трет фаворит е Италијанеоц Јаник Синер, со високи 23.

Својот напад на осмата вимблдонска титула и 24-от гренд-слем, индиректно го најави и Новак Ѓоковиќ на воведната прес конференција изјавувајќи дека се уште е гладен за гренд слемови и дека не е уморен од тенисот.

„Историскиот успех е постигнат со 23-та гренд слем титула во Париз, но тоа е веќе зад мене и мислите секогаш се свртени напред, кон Вимблдон. Физички се чувствувам добро, мотивиран сум да одам далеку и сакам да ја искористам секоја прилика да освојам нов гренд слем“ – изјави Ѓоковиќ.

Наспроти очекувањата, како и секоја година, можни се изненадувања и некој од фаворитите да биде елиминиран од послабо рангираните тенисери, особено во првата седмица од мечевите. Такво сценарио можное да видиме уште првиот ден, кога се сретнуваат Гркот Стефанос Циципас, кој е пето рангиран и некогашниот трет тенисер, Австриецот Доминик Тим, кој поради повреда е паднат на деведесеттата позиција, но е и тенисер кој во кариерата има освоено и еден Гренд Слем.

За разлика од минатата година, оваа година дозволено е да играат и тенисери од Русија и Белорусија, но условени се да се дистанцираат од политиката на Русија кон Украина.

Во женска конкуренција, неизвесноста, најверојатно, ќе биде присутна до самото финале, бидејќи нема изразит фаворит. Првопласираната на ВТА листата Ига Швјонтек од Полска, е номинален фаворит, но сè уште во кариерата е во потрага како да ја прилагоди својата игра на тревната подлога. Поради тоа, можно е Елена Рибакина од Казахстан да го повтори минатогодишниот успех или Ирина Сабаленко од Белорусија, која е гладна за победи на Вимблдон, по минатогодишната забрана за настап на турнирот. Во трката за триумф можат да се вмешаат и минатогодишната финалистка Онс Жабур од Тунис, Коко Гоф од САДили сосема некоја друга.

Наградниот фонд оваа година е зголемен на рекордни 44,7 милиони фунти (околу 52 милиони евра),што е за 11,2 посто повеќе од 2022., кога тој изнесуваше 40,3 милиони фунти. Победниците во поединечна машка и женска конкуренција ќе добијат по 2.350.000 фунти (2,7 милиони евра), додека поразените по 1.175.000 фунти (1,35 милиони евра).

Од најпрестижниот тениски турнир ќе известуваат околу 500 новинари од над 50 земји, но не и од Русија и Белорусија, на кои не им беше дозволено да ги следат натпреварите на своите претставници.Како и на претходните три вимблдонски турнири, и оваа година Макфакс и Топспорт ќе имаат свој известувач од сите четиринаесет турнирски денови.

Ненад Живановски

Scroll to Top