Top Sport

Јејтс со историски триумф на Вуелта Еспања

Британецот Сајмон Јејтс влезе во историјата како победник на 73. издание на Вуелта Еспања, откако Италијанецот Елија Вивијани победи на славеничката 21. етапа на улиците на Мадрид.

26-годишниот Јејтс (Мичелтон-Скот) станува трет британски велосипедист кој победил на голема трка во 2018 година, откако Крис Фрум триумфираше на Џиро Д’Италија, а Герант Томас шокираше на Тур де Франс. За момчето од Бјури ова е „наплата“ за срцепарателниот пораз на Џирото, каде што неколку дена беше лидер, но се „скрши“ во финишот и му ја предаде победата на Фрум.

Од првата победа на еден Британец на Тур де Франс – Бредли Вигинс во 2012, девет од 19-те големи трки се освоени од Британци, покажувајќи ја доминацијата на оваа нација во последните години.

По 21 етапа и речиси 3.300 километри, Јејтс беш за 1:46 подобар од младиот Шпанец Енрик Мас (Квик Степ), додека Колумбиецот Мигуел Анхел Лопез (Астана) заостана 2:04. Холанѓанецот Стивен Крајсвајк (Лото-Џамбо) по петтото место на ТдФ стигна до четврто на Вуелта, а шпанскиот ветеран Алехандро Валверде (Мовистар), кој беше подолго време главен ривал на Јејтс, заврши како петти.

Италијанскиот шампион Вивијани (Квик Степ) го совлада светскиот шампион, Словакот Петер Саган (Бора-Хансгрое) и сонародникот Џакомо Ницоло (Трек-Сегафредо) во интересниот финиш во Мадрид.

Валверде по четврти пат ја освои зелената маичка за пласман на поени, додека Белгиецот Томас де Гент (Лото Судал) ја освои маичката со црвени точки како „крал на планините“.

Scroll to Top