Поранешната тениска ѕвезда, Јелена Докиќ преку Инстаграм објави дека „паузира“ со социјалните мрежи бидејќи поминува низ „тежок период во животот“, во уште еден загрижувачки пост за менталното здравје на Австралијката со српско потекло.
„Сигурна сум дека забележивте дека ме нема на социјалните мрежи подолго време. Благодарам на пораките за поддршка и за грижата, навистина го ценам тоа. Поминувам низ многу тежок период во мојот живот и низ голема промена и потребно ми е време да се опоравам, оздравам и да ја процесирам траумата и болката низ која поминувам“, пишува 38-годишната Докиќ.
Во октомври оваа година, Докиќ објави долг пост на социјалните мрежи опишувајќи ја својата битка со депресијата, анксиозноста и пост-трауматскиот стрес, признавајќи дека за малку „ќе го завршела сопствениот живот“.
Докиќ стана славна како тинејџерка, откако од воените подрачја во Хрватска пребега во Австралија, но не успеа да стигне до тенискиот врв поради менталните проблеми и конфликтот со нејзиниот татко Дамир Докиќ, кого го обвини за злоставување.