Едно од најголемите боксерски ривалства на денешницата ќе ни донесе нова епизода, откако Саул Канело Алварез потврди дека ќе избегне римеч со ВБА шампионот Дмитриј Бивол за во септември по третпат да влезе во рингот со својот најлут противник, Генадиј Головкин.
Алварез „скокна“ категорија во средно-тешка за да боксува со Бивол за титулата, но доживеа убедлив пораз на поени, покажувајќи дека оваа категорија не е за него. Сега, тој се решава за трилогија со Головкин, со кого имаше ремиво средна категорија во 2017, пред да го победи на поени следната година.
„Веќе имав договор со Головкин, така што продолжуваме според планот. Мислам дека тоа се двата најголеми боксерски мечеви на денешницата, мечот со Головкин и реваншот со Бивол. За жал загубив, но тоа не значи дека нема да се обидам повторно. Сега се враќам во септември и наскоро ќе го потврдиме датумот“, изјави Канело за „ЕСПН“.
Првите два меча меѓу Алварез и Головкин се сметаат за „класика“ кај фановите на боксот. Првиот меч беше контроверзен поради судиските оценки – едниот судија имаше 115:113 за Головкин, а вториот 114:114, додека судијката Аделејд Бирд оцени дека Алварез добил 10 од 12-те рунди. Ова предизвика истрага и таа беше суспендирана.
Римечот беше закажан за мај, но мораше да биде одложен откако Алварез беше позитивен на кленбутерол, по што Головкин се исмеваше со позитивниот тест. Тогаш, двајца судии го оценија мечот 115:113 за Алварез, а третиот сметаше дека било нерешено 114:114.
Канело го победи Головкин на поени во ри-мечот во Вегас (видео)