Top Sport

Кирјос може да биде суспендиран три години откако ја обвини АТП за корупција

Контроверзниот австралиски тенисер, Ник Кирјос повторно си направи проблеми, откако по победата во првото коло на САД опен ја обвини АТП за корупција.

По победата над Стив Џонсон во вторникот, Кирјос беше запрашан за контроверзниот пораз во Синсинати од Карен Хачанов, кога влезе во конфликт со судијата Фергус Марфи и го нарече „еб.н глупак“, за што доби казна од 113.000 долари.

„АТП е прилично корумпирана и без тоа. Не сум многу загрижен“, изјави Кирјос.

Сега, светскиот рекет број 30 е под истрага на АТП поради „однесување кое го нарушува интегритетот на спортот“, за што може да добие најстрога казна од 100.000 долари и суспензија од три години, иако најверојатно нема да се реагира толку драстично.

Дека ситуацијата овојпат е сериозна сфати и самиот Австралиец, кој се јави на Твитер.

„Би сакал да го разјаснам мојот коментар околу корупцијата во АТП. Тоа не беше вистински избор на зборови и мојата поента беше да се посочат двојните стандарди, а не корупцијата. Знам дека на моменти моето однесување е контроверзно и ми носи проблеми, но мојата поента е дека и на другите им се случува, но добиваат помалку медиумско внимание или поминуваат без казна. Не сум совршен и не се преправам и знам дека заслужував различни казни, но очекувам постојаност“, напиша Кирјос.

Scroll to Top