Поранешниот двократен УФЦ шампион, Конор Мекгрегор ќе оддржи прес-конференција во Москва во четврток, неколку дена откако повторно влезе во расправија на социјалните мрежи со рускиот шампион Хабиб Нурмагомедов.
Популарниот „Ноториус“ ќе зборува на настан организиран од букмејкерот „Паримеч“, еден од спонзорите на Мекгрегор, и ќе ги објасни своите планови за иднината во Русија и „можеби ќе објави враќање во октагонот“. Мекгрегор исто така, најверојатно ќе го промовира својот бренд виски „Пропер 12“, кој од неодамна може да се купи и во Русија.
Мекгрегор нема меч по поразот од Нурмагомедов минатиот октомври, откако прво беше суспендиран, а потоа двапати (!) најави дека се повлекува од борбите. Минатата недела во Твитер расправија со Нурмагомедов, Ирецот им порача на УФЦ да му „закажат ри-меч во Москва“ и покажа фотографија пред руска амбасада.
Нурмагомедов пак, неколку пати изјавуваше дека Мекгрегор не заслужил меч, но неодамна призна дека меч со Мекгрегор во Москва или Санкт Петербург би донел рекордна публика и рекордна заработувачка.
Ова не му е прва посета на Мекгрегор на Русија, бидејќи минатото лето беше на финалето на СП во фудбал помеѓу Франција и Хрватска, на кое се фотографираше со рускиот претседател Владимир Путин.