Тоа што требаше да биде само уште една потврда на големината на Мани Пакјао, шампионот во осум тежински категории во четири децении, на крајот беше можеби прикладен крај на една блескава кариера.
Јорденис Угас, кој во последен момент прифати да боксува со Пакјао, го победи филипинскиот ветеран во 12 рунди во „Т-Мобиле арената“ во Лас Вегас за да ја освои ВБА „супер“ титулата во велтер категорија во едно од најголемите боксерски изненадувања последната деценија. Тројцата судии го оценија мечот 116:112, 115:113 и 116:112 за Угас.
„Сакам да му заблагодарам на Мани Пакјао што ми го даде овој момент во рингот. Сега целта е да се обединат титулите во велтер категорија. Следен на листата е Ерол Спенс“, изјави Кубанецот Угас (27-4, 12 КО).
Пакјао (62-2-8, 39 КО), требаше да боксува со Спенс во саботата, но Американецот доби сериозна повреда на окото на десетина дена пред мечот, а Угас требаше да боксува со Фабијан Мајдана во пред-мечот.
42-годишниот Пакјао вели дека не знае дали завршил со боксот.
„Засега, не знам. Треба да се одморам и да направам одлука. Но, ова е боксот, не можеш да победиш секогаш“, вели Пакјао, кој е сенатор на Филипините и потенцијален противкандидат на претседателот на оваа земја, Родриго Дутерте на изборите следната година.