Руската светска шампионка во скок во височина, Марија Ласицкене го предупреди шефот на Американската анти-допинг агенција (УСАДА), Тревис Тајгарт да внимава што зборува, откако тој побара целосна суспензија на сите руски спортисти од Олимпијадата во Токио.
26-годишната Ласицкене го потсети Тајгарт дека дел од најголемите допинг-скандали доаѓаат токму од САД, каде што или нивното користење на допинг-средства било прикривано, или пропуштале допинг тестови.
„Прашајте ги Ленс Армстронг, Џастин Гетлин и Кристијан Колмен и сите други спортисти со медицински дозволи за користење средства. Внимавајте што зборувате“, напиша Ласицкене на социјалните мрежи откако Тајгарт побара целосна суспензија.
Армстронг освои седум титули од Тур де Франс, по што призна дека користел недозволени средства, додека Гетлин и покрај двата позитивни допинг-теста се врати на атлетиката. Колмен, светскиот шампион на 100 метри од Доха оваа година, требаше да добие двегодишна суспензија откако пропушти три допинг-теста во период од една година, но УСАДА реши да не го гони за овој прекршок.