Top Sport

Легендата Џонс Јуниор во одбрана на Русите: Не им го одземајте олимпискиот сон

Боксерската легенда Рој Џонс Јуниор, кој неславно го загуби златниот медал на Олимпијадата во Сеул во 1988 година, застана во одбрана на руските спортисти, на кои им се заканува четиригодишна суспензија од сите големи натпреварувања.

Американецот, кој неодамна стана и руски државјанин, беше дел од олимпискиот тим во 1988, кога стигна во финалето како најмлад боксер (19 години), но го загуби финалето од Јужнокореецот Парк Си-Хун, иако имаше 86 удари во споредба со 32-те на противикот. Подоцна, двајца од тројцата судии на тој меч добија доживотна суспензија, а Џонс го доби „Вал Баркер трофејот“ како боксер со најдобар стил на Игрите.

„ИОЦ ми го грабнаа златниот медал во 1988 година, кога имав само 19 години. Никогаш не го поправија тоа и интегритетот на олимпискиот бокс страдаше. Кога ќе ограбиш некој и никому не му е грижа, се губи интегритетот. Затоа е катастрофа што им подготвуваат на Русија. Ќе го грабнат олимпискиот сон на тие деца, кои немаат никаква вина. Не е проблем кога ќе суспендираш, еден, десет, сто спортисти кои се допингуваат, но не е фер кога некој друг страда поради тоа. Не ги казнувајте“, изјави Џонс.

Судбината на руските спортисти ќе се одлучува на состанокот на Светската анти-допинг агенција (ВАДА) во Лозана, каде што се заканува четиригодишна суспензија од Олимписките игри, но и можна казна во сите интернационални натпреварувања.

Scroll to Top