Австралискиот тенисер Џон Милман на социјалните мрежи сподели како добил позитивен тест за коронавирус за време на неговиот престој во САД.
Моментно 76. играч во светот ја искористи таа ситуација уште еднаш да се осврне на случајот со српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.
„Позитивен сум на Ковид-19. Само што бев во САД и се чини дека многу луѓе не ги следат препораките. Тоа е во ред, но затоа не можам да разберам зошто Новак Ѓоковиќ не може да дојде и да се натпреварува“, напиша Милман на Твитер.
Правилата во моментов се такви што невакцинираните лица не можат да влезат во САД, а Ѓоковиќ ќе го пропушти вториот Гренслем во сезоната по Австралија Опен.
Како што стојат работите во моментов, има мали шанси тие мерки да бидат олеснети навреме за УС Опен, кој ќе се одржи од 29 август до 11 септември.