Top Sport

Манарино и Риски со трофеите од Росмален, Беретини со триумф во Штутгарт

Американката Елисон Риски се врати од загубениот прв сет без освоен гем за да спаси пет меч-топки за 0:6/7:6(3)/7:5 победа над домашната фаворитка Кики Бертенс во финалето на Либема опен во Хертогенбош.

Бертенс имаше три меч-топки при 5:4 во вториот сет, но Американката успеа да ги спаси за да израмни на 5:5, по што спаси уште две меч-топки во 12-тиот гем за да примора тај-брејк. Во третиот сет имаше два брејка пред дождот да примора пауза при 3:3. Риски се врати посилна по паузата за да ја освои својата втора титула, прва по 5 години.

Машката титула од подготвителниот турнир за Вимблдон отиде кај Французинот Адријан Манарино откако тој победи во два меча во неделата за титулата. Манарино со 7:6(7)/6:3 го победи Австралиецот Џордан Томпсон за трофејот.

Во Штутгарт пак, канадскиот тинејџер Феликс Оже-Алиасим повторно не успеа да ја освои првата титула, откако Италијанецот Матео Беретини го победи со 6:4/7:6(11). 18-годишниот Оже-Алиасим скокна на 21. место на АТП листата, но ова е трет пораз во финалиња оваа сезона за него. За 30-рангираниот Беретини ова е трета титула во кариерата.

Scroll to Top