Top Sport

Мареј дефинитивно не игра во Австралија

Петкратниот финалист на турнирот, Енди Мареј потврди дека нема да учествува на Австралија опен, откако не успеал да изделува „функционален карантин“ со Австралиската тениска федерација по позитивниот тест на КОВИД-19.

Трикратниот гренд слем шампион не можеше да отпатува со остатокот од тенисерите минатата недела откако беше позитивен на вирусот, но се надеваше дека ќе се договори со федерацијата за подоцнежно пристигнување.

„За жал нема да летам за Австралија за да настапувам на Австралија опен. Постојано бев во контакт со Австралиската тениска федерација за да се најде решение кое ќе дозволи функционален карантин, но не успеав во тоа“, вели Мареј.

Во моментов 72 тенисери се во „цврст“ карантин во Мелбурн и мораат да се изолираат во своите хотелски соби 14 дена по позитивните тестови на трите чартер лета за Австралија. Тие кои не беа во овие авиони смеат да одат на тренинзи пет часа дневно, но и тие мораат да останат во своите соби. Австралија опен треба да почне на 8 февруари.

Scroll to Top