Top Sport

Мареј за Циципас: Повеќе не го почитувам

Стефанос Циципас, во драматичен меч, успеа да го елиминира Енди Мареј од Ју-ес опен. Мечот од првото коло траеше четири часа и 44 минути, Гркот славеше со 2:6, 7:6, 3:6, 6:3, 6:4.

Енди Мареј, некогаш светски број 1, а сега 112 на АТП листата, по мечот истакна дека е многу лут поради паузата која ја направи Циципас, по завршувањето на четвртиот сет. Циципас десет минути се задржа во тоалетот, поради што Мареј влезе во расправија со супервизорот.

Слична реакција, неодамна на турнирот во Синсинати имаше и Александар Зверев. И тој како и Мареј, го обвини Циципас оди во тоалет за да се допишува со својот татко Апосотолос, односно преку пораки добива дополнителни совети.

„Пред мечот со мојот тим разговаравме за ова, дека доколку не му оди ќе замине во тоалет. Меѓутоа не можеш да спречиш тоа да не влијае врз тебе. Кога играш вака брутален меч и ќе застанеш десет минути, тоа не е добро. Ментално можеш да се подготвиш на нешто вакво, но физички не. Стално правеше паузи, па медицински тајм-аут, во четвртиот сет кога имав 0:30 тој го менува рекетот. Можеби тоа беше случајно, но не верувам дека рекетот му праваше проблеми. Разочаран сум бидејќи сметам дека тоа влијаеше врз конечниот резултат. Не тврдам дека ќе победев, но велем дека паузите имаа влијание врз резултатот. Многу го почитувам, брилијантен тенисер е, одличен е за тенисот. Но, сега имам нула време за вакви работи, повеќе не го почитувам…“, рекол Мареј.

Британецот рекол дека се залага за промена на правилото кога се бара медицински тајм-аут и дека бара да биде скратена паузата за тоалет.

Циципас од друга страна не се согласува дека направил нешто погрешно. Глупости ги нарекол коментарите дека во текот на мечевите, кога не му оди, дозволената пауза помеѓу сетовите ја користи за да се допишува со својот татко.

Scroll to Top