Швајцарската тенисерка Мартина Хингис потврди дека ќе се пензионира од спортот на крајот на ВТА финалето во Сингапур, ставајќи крај на блескавата кариера во која освои 25 гренд слем титули.
37-годишната Швајцарка, која едно време беше светска тенисерка број 1 во сингл, последните години игра ексклузивно во двојки и досега во колекцијата има гренд слем титули во сингл (5), двојки (13) и мешани двојки (12).
Ова е третпат трикратната шампионка од Австралискиот опен во сингл да се повлече, откако првпат ја заврши кариерата на 22 години во 2003 година по низата повреди. До тој период таа ги освои своите гренд слем сингл титули, откако во фантастичната 1997 година триумфираше на Австралискиот опен, Вимблдон и УС опен.
Во 2006 година „Свис мис“ се врати во игра на двојки, победувајќи на Австралискиот опен во двојки. Поранешната светска тенисерка потоа доби двегодишна суспензија поради позитивен тест на кокаин и повторно се повлече во 2007.
Таа направи уште еден неверојатен кам-бек во 2013 година, и следуваше период на доминација во двојки. 37-годишната ветеранка освои три гренд слема оваа година и има шанси да победи на ВТА-финалето со својата партнерка Чен Јуан-Џан.