Top Sport

Мастерс Мајами: Организаторите побарале посебна дозвола за Ѓоковиќ

Директорот на Мастерсот во Мајами, Џејмс Блејк изјави дека се надева дека најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ ќе игра на турнирот во Флорида.

Ѓоковиќ достави документација и побара специјална дозвола за влез во САД за да игра на Мастерс турнирите во Индијан Велс и Мајами, со оглед на тоа што американските власти се уште не им дозволуваат на невакцинираните странци да влезат во земјата.

„Правилата официјално се менуваат на 11 мај, но ние побаравме од американската влада изземање затоа што сметаме дека неговото играње овде не претставува никаква опасност. Тој датум го одредија поради календарот, но ние не можеме да го организираме турнирот по 11 мај, па би сакале Ѓоковиќ да игра тука. Го истакнавме фактот дека тоа би било добро за економијата, заедницата во Мајами и за љубителите на тенисот ширум светот кои сакаат да видат голем шампион во овој град“, рече Блејк.

Мастерсот во Мајами ќе се игра од 22 март до 2 април.

„Ќе видиме што ќе се случи, но за жал ништо не е во наши раце. Поканет е, се наоѓа на списокот учесници… Шест пати го освојуваше овој турнир и би сакале да има можност да игра за седмиот трофеј. Направивме се што можевме. Ако му дозволат на Ѓоковиќ да игра во Индијан Велс, ќе бидеме подготвени да го пречекаме и во Мајами“, заклучи Блејк.

Директорот на Мастерсот во Мајами, истакна дека организаторите специјални покани за настап им доделиле на Австриецот Доминик Тим и Британката Ема Радукану.

Scroll to Top