Во финалето на Мастерс 1000 турнирот во Торонто ќе се сретнат рускиот фаворит, Данил Медведев и американското изненадување, Рејли Опелка.
Медведев спречи американско финале, откако го „растури“ Џон Изнер со 6:2/6:2, додека Опелка во драматичен меч со 6:7(2)/7:6(4)/6:4 го совлада Гркот Стефанос Циципас. Медведев влезе во финалето по само 54 минути игра и ќе оди на својата четврта титула во 2021 година, по АТП купот и титулите во Марсеј и Мајорка.
„Играм подобро со секој нареден меч пред САД опен. Изнер имаше проблеми со сервисот, а јас ги искористив своите шанси. Останав концентриран од почеток до крај“, вели Медеведев.
Во женското финале на Канадскиот мастерс, кој се игра во Монтреал ќе играат Италијанката Камила Џорџи и Чехинката Каролина Плишкова. 71-рангираната Џорџи со 6:3/3:6/6:1 беше подобра од Американката Џесика Пегјула, додека Плишкова лесно со 6:3/6:4 ја совлада Белорусинката Арина Сабаленка.