Данил Медведев ќе се обиде да го спречи Рафаел Надал да стигне до рекордната 21. гренд слем титула во недела во финалето на Австралија опен, и како старт на „менталните игри“ пред мечот, изјави дека очекува Новак Ѓоковиќ да го следи мечот.
Медведев во бурен меч го совлада Стефанос Циципас, за да постави финале против Надал, кој претходно го победи Матео Беретини, и ако не успее да го сопре Надал, Шпанецот ќе ја освои 21. гренд слем титула, поминувајќи ги Ѓоковиќ и Роџер Федерер. Медведев ќе игра за втора гренд слем титула, по САД опен минатата година, кога го победи токму Ѓоковиќ.
Без Ѓоковиќ на турнирот, откако на Србинот по долга фарса му беше повлечена австралиската виза поради тоа што не е вакциниран, Медведев тврди дека Ѓоковиќ ќе биде пред ТВ екраните во недела.
„Ќе играм против еден од најголемите во историјата, и тоа пак против некој кој игра за 21. гренд слем титула. Мислам дека Рафа гледаше кога играв против Ѓоковиќ, не знам за кого навиваше, и мислам дека Новак ќе го гледа ова финале. Гренд слем финалињата се спектакли и секако се сеќавам на секое“, вели Медведев.