Top Sport

Мејведер: Завршив со боксот, тоа е „брутален спорт“

Американската боксерска легенда Флојд Мејведер Јуниор уште еднаш потврди дека неговото време во рингот е „завршено“ и дека се фокусира на други бизнис проекти како низата боксерски вежбални кои ги отвара низ САД како и промотерската работа.

42-годишниот Американец, кој и претходно се пензионираше пред големи суми да го вратат на ракавиците, си замина од спортот со совршен 50-0 скор.

„Имам повици да се вратам во рингот, но моето здравје е моето богатство. Боксот е многу, многу брутален спорт. Во последните неколку години многу боксери умреа во тој ринг. Треба да знаеш кога да се повлечеш. Имав одлична кариера“, изјави Мејведер за „Ројтерс“, демантирајќи ги сите шпекулации за можен ри-меч со Мани Пакјао или пресметка со Канело Алварез.

Мејведер, кој ја освои својата прва од 12-те светски титули во 1998, прво се пензионираше во 2007, но веднаш се врати во рингот, по што се повлече и во 2015, за да се врати за дуел со Конор Мекгрегор во 2017 година. Во јануари оваа година, тој го уништи јапонскиот кик-боксер Теншин Насукава за само три минути.

„Ќе патувам и ќе има егзибиции, бидејќи носат многу пари, од 10 до 30 милиони долари. Ќе заработувам за три минути нешто што повеќе боксери не го заработуваат во целата кариера“, додава Мејведер.

Scroll to Top