Top Sport

Мекгрегор: Пред мечот со Хабиб цела недела пиев само виски

Конор Мекгрегор призна дека немал совршени подготовки пред неговиот пораз од Хабиб Нурмагомедов во октомври 2018 година, кога загуби во четири рунди во „Т-Мобиле арената“ во Лас Вегас на УФЦ 229.

Сега, пред дуелот со Доналд „Каубој“ Серон на истото место на УФЦ 246 овој викенд, Ирецот признава дека подготовките за тој меч не биле совршени и дека сега е „многу поинаку“, вклучувајќи го избегнувањето на алкохолот.

„Кога последен пат се напив виски? Пред три-четири месеци. Тогаш, пред мечот со Хабиб пиев цела проклета недела. Не знам зошто. Имав некој отров во мене. Имав луѓе кои доаѓаа на тренинг за да имаме тепачка без никаква заштита. Како во војна, и потоа одев на прослава со алкохол. Не требаше да живеам на тој начин“, вели Мекгрегор.

Ирецот пред мечот со Нурмагомедов влезе во голем број на вербални испади против семејството на Хабиб, неговата религија и неговата татковина, но вели дека и неговиот противник го „разгорел огнот“ со конфронтацијата во хотелот со тренинг-партнерот на Мекгрегор, Артем Лобов.

„Имаше работи кои им претходеа на тие зборови, работи кои беа кажани. Како ситуацијата со Артем, за која никој не зборуваше. На крајот беше многу лично. Сега, одам чекор наназад и се фокусирам на работата. Во следниот меч ќе ги решиме работите“, додава Ирецот.

Scroll to Top