Конор Мекгрегор се предаде на полицијата во Њујорк по нападот на автобусот во кој се превезуваа УФЦ борачите, објавија американските медиуми.
Ирецот беше „фатен“ на снимка како заедно со неговите другари фрла со работи кон автобусот во Бруклин во четвртокот навечер, по што еден човек беше повреден. 29-годишниот Ирец потоа избега од местото на инцидентот, и сега го очекуваат обвинувања за напад.
Портпаролот на полицијата во Њујорк, Џорџ Цуровакас за веб-сајтот „ММА џанки“ објави дека Мекгрегор се наоѓа во притвор додека трае истрагата откако самиот се пријавил во 78. полициски оддел во Бруклин.
Мекгрегор пристигна во Њујорк пред УФЦ 223 шоуто во сабота навечер, каде што ќе се одлучува носителот на титулата во лесна категорија која му беше одземена поради неактивност во меч меѓу Хабиб Нурмагомедов и Макс Холовеј.
Кога го забележа Нурмагомедов во автобусот, тој фрли ограда кон автобусот, а потоа и луѓето од неговата придружба го направија истото, повредувајќи го борачот во лесна категорија Мајкл Киеза, кој треба да се бори со Ентони Петис во сабота, добивајќи исеченица на главата од стаклото.
Последен меч на Мекгрегор беше во ноември 2016 година, кога го нокаутираше Еди Алварез за титулата во лесна категорија, и тогаш стана првиот УФЦ борач со две титули во исто време. Но, Ирецот прво ја загуби титулата во перо категорија откако реши да влезе во боксерскиот ринг со Флојд Мејведер Јуниор, во меч во кој загуби во 10. рунда. Во последно време се шпекулираше за неговиот кам-бек во октагонот за можен втор мега-дуел со Мејведер.