Top Sport

Мохорич со етапна победа, Чавес се „самоуништи“

Словенецот Матеј Мохорич е победник на 10. етапа на Џиро Д’Италија, најдолга на трката, откако го доби спринтот против Германецот Нико Денц за прва победа на елитната трка, додека Колумбиецот Естебан Чавес, еден од фаворитите за победа имаше многу лош ден и испадна од топ 10.

Мохорич (Бахреин Мерида) е поранешен јуниорски светски шампион, и на етапата од 244 километри од Пене до Гвалдо Тадино го покажа својот талент при сите различни услови за да го победи Денц (АГ2Р) во финишот на трката.

Лидерот на трката Сајмон Јејтс, кој е колега на Чавес од тимот Мичелтон-Скот, заработи неколку бонус секунди од спринтовите за да го зацврсти водството, додека Чавес, специјалист за планински етапи, се „скрши“ на првото од трите искачувања за да заостане 25 минути зад Мохорич.

Најблизок конкурент на Јејтс останува холандскиот актуелен шампион, Том Думулин (Санвеб), кој иако имаше дупната гума на почетокота на етапата, остана во главната група и сега заостанува 41 секунди, додека трет е Французинот Тибо Пино (ФДЈ) со уште пет секунди послабо време.

Лошиот ден за Чавес значеше дека во топ 10 се враќа четирикратниот шампион од Тур де Франс, Крис Фрум (Скај), кој има 2 и пол минути на половина од 101. издание на Џиро Д’Италија.

Фото: ЕПА

Scroll to Top