Организаторите на првиот гренд слем од новата година, Австралија опен, потврдија дека постојано ќе го проверуваат квалитетот на воздухот во Мелбурн поради што може да дојде и до прекинување на мечевите.
Стотици пожари во Австралија убија најмалку 25 луѓе во последните неколку месеци, предизвикувајќи загриженост за квалитетот на воздухот во Мелбурн за време на тенискиот турнир. Квалификациите за Австралија опен почнуваат на 14 јануари, а главниот турнир на 20 јануари, и директорот на турнирот Крег Тајли призна дека судиите ќе имаат моќ да ги прекинуваат мечевите.
„Ќе имаме пристап до мониторинг на квалитетот на воздухот на сите терени и ќе работиме заедно со медицинскиот персонал и со локалните експерти за да можеме да донесеме вистински одлуки. Мечевите ќе можат да се прекинат во секој момент, бидејќи здравјето на тенисерите и гледачите е нашиот прв приоритет“, вели Тајли.
Досега немаше одложувања на мечевите на АТП купот, кој се оддржува во Сиднеј, Бризбејн и Перт, меѓутоа челенџер турнирот во Канбера следната недела е преселен во Бендиго.