Top Sport

Надал е „црна мачка“ за Австралијците, продолжува ренесансата на Агут

Рафа Надал е „црна мачка“ за домашните тенисери на годинешното издание на Австралија опен. По Џејмс Дакворт и Метју Ебден, Надал во третото коло го елиминира Алекс де Минаур.

foto: epa

Шпанецот против 29. на АТП листата на теренот мина два часа и 24 минути и победи во три сета (6/1, 6/2, 6/4). Талентираниот Де Минаур вистински отпор на фаворитот му пружи само во третиот сет, вистински делириум на трибините предизвика кога во десеттиот гем успеа да спаси пет меч топки.

Пресметката во Мелбурн беше втора помеѓу Надал и Де Минаур, по која Шпанецот води 2:0 во меѓусебните дуели. Лани на Вимблдон Надал исто така славеше во три сета.

Надал во четвртото коло за противник ќе го има Томаш Бердих.

foto: epa

Уште еден Шпанец ќе игра во осмина-финалето. Тоа е Роберто Баутиста-Агут кој доживува ренесанса во својата игра од почетокот на сезоната. Агут, кој сезоната ја започна со победа на турнирот во Доха, каде во полу-финалето го победи Новак Ѓоковиќ, а во финалето Томаш Бердих, во третата рунда го декласира деветтиот фаворит Карен Хачанов од Русија.

Два часа и десет минути траеше борбата која Агут ја доби со 6/4, 7/5, 6/4. Агут во наредната рунда ќе игра против Марин Чилиќ или Фернандо Вердаско.

Scroll to Top