Рафаел Надал оваа недела го направи долгоочекуваниот камбек по повредата на стапалото, играјќи на егзибицискиот турнир во Абу Даби, но сега вели дека не е сигурен дали ќе настапи на првиот гренд слем во 2022, Австралија опен следниот месец.
Надал загуби од Енди Мареј во петокот, покажувајќи дека не е во најдобра форма, а потоа загуби и од Денис Шаповалов во тесен меч, и вели дека не знае дали ќе патува за Австралија. 35-годишниот 20-кратен гренд слем шамион вели дека одлуката не е донесена.
„Морам да зборувам со мојот тим, да видам како ќе реагира моето тело по овие денови тенис. Планот е да се патува за Австралија, но не можам да гарантирам дека ќе бидам на Австралија опен. Ако ги поставиме работите во перспектива ова беше добар настап за мене. Сега ќе одам дома и ќе видам како ќе се однесува моето тело. Во овој дел од мојата кариера одам ден за ден, иако покажав дека можам да играм против добри тенисери и во ваква форма. Не играм за пари или за забава, играм за да остварам цел, или барем да уживам во процесот. Дури и да не успеам, добро е што мотивацијата и страста се тука“, вели Шпанецот.