Рафаел Надал признава дека до неодамна размислувал за ставање крај на својата кариера, за денеска да го освои својот 21. гренд слем трофеј по победата над Данил Медведев во епското финале од 5 часа, и да ги помине своите вечни ривали, Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер по бројот на големите трофеи.
35-годишниот Шпанец се мачеше со повреди во последната година и пол, посебно со повредата на стапалото, но успеа да изддржи во неверојатен маратонски меч против Русинот Медведев за свој втор трофеј од Мелбурн во кариерата.
„Данил ти си голем шампион, сум бил на твоето место неколку пати на овој турнир, но немам сомнеж дека титулата ќе дојде кај тебе повеќе пати во твојата кариера. Ова беше еден од најемоционалните мечеви во мојата кариера и среќен сум што ти ми беше противник. Да бидам искрен, пред месец и пол не знаев дали воопшто ќе се вратам на тенисот, а денеска сум тука со трофејот. Не знаете колку се борев за да бидам тука, благодарам на поддршката која ми ја дадовте. Пред неколку месеци ќе кажев дека ова ми е последниот Австралија опен, но сега е поинаку, ќе направам се да се вратам и следната година“, изјави Надал.