Top Sport

Надал се намачи, но го победи Нишикори за четврт-финале во Барселона

Рафаел Надал се помачи, но со 6:0/2:6/6:2 го совлада Јапонецот Кеи Нишикори да се пласира во четврт-финалето на Барселона опен, каде што ја лови неверојатната 12-та титула од турнирот.

Изгледаше дека Шпанецот е на пат до брза победа по доминацијата во првиот сет, но Нишикори врати со одлична игра во вториот сет за да израмни. Сепак, Надал направи два брејка во одлучувачкиот сет и го реши мечот на вториот меч-поен.

Првиот носител уште ја брка својата најдобра форма пред Ролан Гарос, откако загуби во четврт-финалето на Мастерсот во Монте Карло, а во средата му беа потребни три сета да го победи 111-рангираниот Иља Ивашка. Следен за него е Британецот Камерон Нори, кој влезе во четврт-финалето откако Давид Гофан се предаде во вториот сет поради повреда.

„Кеи е фантастичен тенисер и секогаш е постигнување да го победиш. Тој играше добро освен во првиот сет и не за џабе има две титули од Барселона. Мислам дека играв подобро од вчера и тоа е најважното во моментов“, вели Надал.

Scroll to Top