Рафаел Надал навивал за Новак Ѓоковиќ против Роџер Федерер во финалето на Вимблдон, им открил на шпанските медиуми Тони Надал.
Стрикото на славниот тенисер и негов поранеше тренер за „марка“ изјавил дека неговиот внук навивал за српскиот тенисер за разликата помеѓу него и Федерер да остане две гренд-слем титули.
Надал во кариерата освоил 18, а Федерер 20 трофеи на најголемите светски турнири (Австралија опен, Ролан Гарос, Вимблдон, Ју-Ес опен).
„Во интерес на Рафаел беше Ѓоковиќ да победи. Сега тројцата се многу блиску според освоените трофеи на најзначајните турнири“, рекол Тони Надал.
„Денес сметам дека Ѓоковиќ е фаворит на Ју-Ес опен. Оваа година веќе ги освои Вимблдон и Австралија опен, а сите три подлоги се брзи, многу се слични“, порачал стрикото на Надал.
Инаку, Ѓоковиќ има 16 гренд-слем трофеи, а 17 ќе се обида да го освои на Ју-Ес опен. Турнирот во Њујорк на програмата е од 26 август до 8 септември.