Top Sport

Надал во трилер-меч подобар од упорниот Зверев

Рафаел Надал ќе влезе на Ролан Гарос како нов светски број 1, откако стигна до рекордната осма титула на Италијанскиот опен во Рим, совладувајќи го во драматичен меч Германецот Александер Зверев.

На 31-годишниот Шпанец добро му дојде паузата поради дожд кога губеше со брејк во последниот сет, за да се врати и да го победи актуелниот шампион Зверев со 6:1/1:6/6:3 на „Форо Италико“.

Надал го предаде првото место на Роџер Федерер минатата недела по поразот во четврт-финалето во Мадрид од Доминик Тим, што останува единствена „црна точка“ во совршената сезона на земја досега за незапирливиот Надал.

Во дуел на двајцата тенисери во најдобра форма, финалето не разочара по тесните полуфиналиња во кои Надал го победи Новак Ѓоковиќ, а Зверев и покрај нервозата го помина Марин Чилиќ.

Надал го загуби сервисот во првиот гем, но 10-кратниот шампион од Ролан Гарос го освои првиот сет за 33 минути.

Меѓутоа, Германецот влезе во фантастична форма за да примора одлучувачки сет, играјќи поагресивно на мрежа, поведувајќи со 5:0. Тој веднаш направи брејк и во третиот сет, пред мечот да биде прекинат при 3:1 за еден час.

Надал се врати подготвен за да освои три гема во низа и два брејка за да поведе со 5:3 и да ја обезбеди својата осма титула од Италија.

 

Scroll to Top