Спринтерскиот „крал“ и седумкратен олимписки шампион Јусеин Болт и неговата долгогодишна девојка Кеси Бенет во неделата станаа по првпат родители на ќеркичка, потврди јамајчанскиот премиер Ендру Холнес преку честитка на Твитер.
Светскиот рекордер на 100 и 200 метри, Болт, кој се пензионираше во 2017 година, потврди дека Бенет очекува ќерка уште во март.
„Честитки за нашата спритнерска легенда Јусеин Болт и Кеси Бенет за пристигнувањето на нивната мала ќеркичка“, напиша Холнес.
Болт, единствениот спринтер кој освои титули на 100 и 200 метри на три последователни Олимпијади (2008, 2012, 2016), претходно изјави дека нема да им советува на своите деца да бидат атлетичари.
„Ако го сакаат тоа, ќе биде во ред, но прво ќе им кажам не бидејќи знам кој притисок ќе ги имаат ако се одлучат на такво нешто“, изјави 33-годишниот Болт на почетокот на годината.