Top Sport

„Неуништливата“ Вон утре ја стартува сезоната

Американската скијачка ѕвезда Линдзи Вон ќе учествува на првата трка од новата скијачка сезона, саботниот велеслалом во австрискиот ски центар Зелден, како прв чекор во подготовките за Олимпијадата во Пјеонгчанг.

Вон, која нема скијано во техничката дисциплина велеслалом од стартот на 2016 година, во последен момент реши да ја започне сезоната порано од вообичаеното за да може да направи добар рејтинг за добро стартно место на Олимпијадата во февруари. Сепак, таа признава дека нема да ризикува многу во сабота.

„Најважната работа сега е да се остане здрава, така што не сакам да оставам ништо на среќата. Сакам само солидно тркање. Тоа е доволно да бидам во топ 15“, изјави Вон.

Американката има четири победи од Светскиот куп во велеслалом, но тоа не е нејзината најсилна дисциплина.

Вон победи во спустот на Олимпијадата во Ванкувер во 2010, но не ја бранеше титулата во Сочи четири години подоцна поради повреда на коленото. Минатата сезона таа паузираше подолго време откако ја скрши раката на тренинг.

Scroll to Top