Top Sport

Нгану е кралот на нокаутите – го „патосираше“ Миочиќ за УФЦ титулата во тешка категорија

Камерунецот Френсис Нгану е новиот УФЦ шампион во тешка категорија, како прв УФЦ шампион роден во Африка, одмаздувајќи му се на совршен начин на Стипе Миочиќ, нокаутирајќи го својот противник за да постави мега-меч со Џон Џонс ова лето.

Нгану, кој имаше неверојатна лична приказна со преселбата од Африка во Париз во сиромаштија за да го следи ММА сонот, го прати искусниот Американец со хрватско потекло на подот во втората рунда, и иако тој стана на нозе, мечот набргу беше готов, кога повторно го „закачи“ со левицата.

„Чувството е неверојатно. Си ветив кога бев млад дека ќе им докажам на сите дека не сум под нив и дека ќе остварам нешто големо. Затоа сум тука“, вели Нгану.

„Предаторот“ сега е втор зад Дерик Луис по бројот на нокаути во УФЦ тешката категорија – Нгану има 10, а Луис има 12. Следен може да биде Американецот Џон „Боунс“ Џонс, кој го напушти појасот во средно-тешка категорија за да оди една категорија погоре во потрага по ривал.

„Џонс е најдобриот на сите времиња. Тоа што сега е тешкаш е голем предизвик, но овојпат тој ќе биде долу,  а јас горе, бидејќи сум шампион. Кога сака. Ова лето, во јули или август, јас сум подготвен“, додаде Нгану.

Scroll to Top