И покрај тоа што самата во интервју демантираше дека обвинила некого за сексуален напад, ВТА турнејата останува загрижена за добросостојбата на кинеската тенисерка Пенг Шуаи.
Поранешната светска тенисерка број 1 во двојки, во интервју за францускиот спортски весник „Л’Екип“ изјави дека постот на социјалните мрежи во кој наводно го обвини поранешниот кинески вицепремиер Жанг Гаоли за сексуален напад бил „погрешно разбран“.
„Сексуален напад? Никогаш не сум кажала дека некој ме нападнал на било кој начин“, изјави Пенг.
ВТА турнејата по скандалот ги суспендираше сите турнири во Кина и поведе меѓународна кампања, и претседателот на федерацијата, Стив Сајмон вели дека интервјуто не менува ништо.
„Секогаш е добро да се види Пенг Шуаи, без разлика дали се работи за интервју или на Олимписките игри. Меѓутоа, неодамнешните интервјуа не ги отстрануваат нашите грижи за нејзиниот прв пост од 2 ноември. Пенг направи храбар чекор и јавно излезе со обвинување дека била сексуално нападната од кинески лидер. Како и со сите наши тенисерки, побаравме формална истрага и шанса да се сретнеме со Пенг. Остануваме на нашата позиција“, вели во соопштение Сајмон.