Top Sport

Со нов спектакуларен нокаут Вајлдер ја одбрани круната (видео)

Дионтеј Вајлдер го помина најсериозниот тест во својата кариера, откако ги помина незгодните моменти против Луис „Кинг Конг“ Ортиз, за спектакуларно да го нокаутира во 10. рунда од мечот во Бруклин и да ја одбрани ВБЦ титулата во тешката категорија.

Вајлдер (40-0, 39 КО), се врати од работ на поразот за да го уништи Кубанецот во драматичен меч за седма обрана на појасот. Ортиз (28-1, 24 КО) го надбоксува шампионот во првите рунди, за во седмата рунда шампионот воопшто да има среќа да ја помине рундата.

Три рунди подоцна, Вајлдер го смачка Ортиз со силни удари со десницата, пред двапати да го прати на подот и да го примора судијата Дејвид Филдс да го прекин мечот во „Барклис центарот“ пред 14.069 гледачи.

„’Кинг Конг’ не може ништо против мене. Вистински шампион секогаш наоѓа начин да се врати и да направи големо нешто“, изјави 32-годишниот Вајлдер по мечот.

Вајлдер требаше да се судри со 38-годишниот Ортиз уште минатата година, но Кубанецот, кој имаше блескава аматерска кариера падна на допинг-тест, и „Бронзениот бомбардер“ лесно го совлада Бермејн Стиверн во првата рунда. Ортиз беше разочаран што не го реши мечот во седмата рунда.

„За малку ќе го фатев во седмата рунда, и ми недостасуваа само неколку секунди. Вајлдер беше спасен од ѕвончето. Но, мора да му признаам дека ја помина бурата“, изјави Ортиз.

По мечот, Вајлдер продолжи да бара супер-меч за обединување на титулите со Ентони Џошуа, кој ќе боксува со ВБО шампионот Џозеф Паркер на 31 март во Велс.

„Подготвен сум за тоа и секогаш велев дека сакам да ги обединам титулите. Кога ќе бидат подготвени тие, јас сум тука. Јас сум најопасниот човек на планетата и го покажав тоа вечерва. Јас сум на врвот на синџирот на исхрана“, се пофали Вајлдер.


Scroll to Top