Top Sport

Нов тениски рекорд за Ѓоковиќ – го збриша Шварцман на стартот во Лондон

Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ, очигледно, не планира да застане на крајот на тениската сезона, откако имаше совршен старт на настапите на АТП финалето во Лондон, декласирајќи го Аргентинецот Диего Шварцман со 6:3/6:2 победа за нешто повеќе од 90 минути.

Ѓоковиќ имаше спор старт и дозволи Шварцман да направи брејк за 1:2 водство, но потоа се врати со два експресни брејка за да го освои сетот. Во вториот сет беше уште полесно, и Србинот со два брејка го комплетираше триумфот во неговиот прв меч од Виена опен, каде што беше шокиран од Италијанецот Лоренцо Сонего со само три освоени гема.

Шварцман не се снајде најдобро во својот прв настап на завршниот тениски турнир за осумте најдобри во календарската година, и во шестата пресметка со Ѓоковиќ го забележа и шестиот пораз. Ѓоковиќ од друга страна, оди на рекордна шеста титула од АТП финалето, и сега постави нов тениски рекорд со својата 33. победа на завршниот турнир, поминувајќи го Роџер Федерер, кој останува на 32. Рафаел Надал во споредба е трет на листата со 15 победи.

Во вториот меч од групата „Токио 1970“, вечерва од 21 часот играат Русинот Данил Медведев и Германецот Александер Зверев.

Scroll to Top