Top Sport

(Фото) Новак Ѓоковиќ по петти пат е најдобар спортист во светот

Новак Ѓоковиќ по петти пат е најдобар спортист во светот. Првиот играч на АТП листата ја доби наградата „Лауреус“ за 2023 година во жестока конкуренција, а наградата на вечерашната гала церемонија во салата „Каса де Кореос“ во Мадрид му ја врачи легендарниот квотербек, Том Брејди.

Српскиот тенисер претходно ја доби престижната награда во 2012, 2015, 2016 и 2019 година.

„Лауреус“ се доделува од 2000 година, а Ѓоковиќ се израмни со својот поранешен голем ривал Роџер Федерер на врвот на вечната листа.

Усеин Болт има четири, додека никој друг нема три. Тајгер Вудс, Михаел Шумахер, Рафаел Надал и Лионел Меси, два пати биле лауреати.

Во потесниот круг за најдобар спортист во светот во 2023 година се најдоа и фудбалерот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, светскиот рекордер во скок во височина Арманд Дуплантис, спринтерот Ноа Лајлс, повеќекратниот шампион во Формула 1 Макс Ферстапен и минатогодишниот победник фудбалерот Лео Меси.

Триесет иседумгодишниот Ѓоковиќ доминираше во 2023 година и освои седум трофеи, вклучувајќи три Грен слем титули на Австралија Опен, Ролан Гарос и Ју-ес Опен. Во финалето на Вимблдон беше поразен од Карлос Алкараз.

Аитана Бонмати, најдобрата фудбалерка на светот, е прогласена за спортистка на годината. Фудбалерката на Барселона ја предводеше Шпанија до титулата светски шампион, а минатата година со каталонскиот тим ги освои Ла Лига, Суперкупот и Лигата на шампионите.

Австралијката Ариса Тру беше прогласена за најдобра во екстремните спортови. Со само 14 години, младата скејтбордерка стана првата натпреварувачка која направила вртење од 720 степени.

Спортистот кој го направи најголемиот пробив е Џуд Белингем, фудбалер на Реал Мадрид. Англичанецот минатото лето пристигна во Мадрид и брзо стана најдобар играч на „кралскиот клуб“ со само 20 години. Наградата му ја врачи Карлос Алкараз, кој наградата ја доби минатата година.

Диде де Грот ја доби наградата Лауреус за најдобар меѓу спортистите со попреченост. Извонредната Холанѓанка е освојувач на 13 последователни Грен слем титули.

Кам-бекот на годината го направи американската атлетичарка Симон Бајлс, која во голем стил се врати по повреда и борба со менталното здравје. Таа ја освои наградата пред кошаркарот на Денвер, Џамал Мареј, британската атлетичарка Кетрин Џонсон-Томпсон, јужноафриканската рагбистка Сија Колиси, чешката тенисерка и победничка на Вимблдон Маркета Вондрушова и фудбалерот на Борусија, Себастијан Але.

Алесандро Дел Пјеро и Мартина Навратилова заеднички и ја доделија наградата на женската фудбалска репрезентација на Шпанија која беше прогласена за најдобра екипа во светот.

Scroll to Top