Прославениот кошаркарски тренер Божидар Маљковиќ веќе неколку години е претседател на Олимпискиот комитет на Србија.
Маљковиќ, инаку творец на шампионскиот тим на Југопластика од Сплит, во интервју за хрватскиот „Вечерњи лист“ не штедел комплименти за најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ.
„Никој никогаш нема да биде како него. Таков мајка повеќе нема да роди. Покрај тоа што е неповторлив спортист тој е исклучителен човек. Еве еден пример. Му понудивме да го носи знамето на отворањето на Олимписките игри во Токио, а тој ми одговори: „Претседателе дајте да направиме некој друг да биде среќен. Јас го носев знамето во Лондон. Шанса треба да добие некој друг“, рекол Маљковиќ и дополнил.
„Поради тоа јас предложив белградскиот плоштад Теразије да се преименува во плоштад Новак Ѓоковиќ, но веднаш ме нападнаа дека тоа немало да биде според законите на Србија, бидејќи таква чест не можете да добиете додека сте живи“.