Top Sport

Новите светски правила во каратето инспирирани од Назим Куртовиќ

Новите правила во каратето во дисциплината кати (состави), кои ќе важат на сите наредни официјални натпревари, вклучително и на Олимписките игри во Токио 2020 година, почнаа да се применуваат од 1 јануари. Правилата што ги усвои Светската карате федерација (ВКФ) се инспирирани од научниот труд на македонската легенда во карате и доктор на науки, Назим Куртовиќ.

Со воведување на новите правила, вкупната оценка на натпреварувачот е резултат на збирот од техничката изведба (Technical performance) и интерпpетацијата (Athletic performance) на катата.

„Досегашните правила оставаа можност за субјективно оценување на изведбата од страна на судиите, кои оценуваа со кревање сино или црвено знаменце за кандидатот во сина или црвена боја на појасот.

Со новите правила натпреварувачите ќе се оценуваат објективно, но ќе се оценува и знаењето на судиите. Со ова ќе бидат наметнати повисоки стандарди во тренажниот процес, според кои и тренерите и судиите ќе мора посуштински да го познаваат каратето, односно да ги познаваат катите“, изјави Куртовиќ во телефонски разговор за „Топспорт“.

Формулата што тој ја презентира во научниот труд „Квантификација и евалуација на ката-перформансите во спортското карате“ целосно е посветена на методиката на тренажниот процес во катите, од каде што се поставува основата за
длабинско оценување на квалитетот на нивната изведба и може да се користи за официјална судиска евалуација.

Овој труд е презентиран на научен конгрес во Софија во декември 2017 година (може да се види во билтен од конгресот поставен на интернет-страницата на Националната спортска академија во Софија (https://icass2017.com/).

Исто така, трудот на Куртовиќ може да се прочита и на интернет-страницата за наука и истражување www.researchgate.net, која има 15 милиони корисници, а меѓу нив и 68 лауреати за Нобелова награда.

„Формулата е основа за новиот начин на оценување на ВКФ, со единствена разлика во коефициентите. Новите правила на ВКФ предвидуваат сооднос 70 отсто техничка изведба и 30 отсто интерпретација“, вели прославениот каратист.

Според Куртовиќ, изведбата на катата е збир од средната оценка на квалитетот на изведбата на техничките елементи (која се множи со коефициент 60 % ) и средната оценка на квалитетот на атлетската изведба – интерпретацијата и невербалната комуникација, односно начинот на пренесување на идејата на катата преку говорот на лицето, телото и присуството на емоции (со коефициент 40 %).

Во трудот Куртовиќ ги повикува одговорните органи за креирање на правилата во Светската карате федерација целосно да ги усогласат методите на оценување на катата и да создадат услови за објективизирање на досега субјективните
оценувања на катите.

Негова препорака е методот на евалуација во дисциплината ката да го следи примерот на веќе потврдените индикатори за оценување во ритмичка и спортска гимнастика, синхронизирано пливање, уметничко лизгање, скијачки скокови и спортски скокови во вода.

Назим Куртовиќ е мајстор на карате, носител на 7. степен (ДАН) и член на Директориумот и на Техничкиот комитет на Светската шотокан карате до федерација. Тој е овластен меѓународен инструктор и испитувач од страна на Светската шотокан карате до федерација, чие седиште се наоѓа во Токио, Јапонија, и одржува карате семинари
во светот.

Бил долгогодишен репрезентативец и капитен на репрезентацијата на СФРЈ, но исто така и селектор на репрезентациите на СФРЈ и на Македонија. Во својата спортска кариера 14 пати бил шампион на Македонија, петкратен
шампион, четирикратен вицешампион и еднаш добил бронза во поранешна СФРЈ. Тој е балкански и медитерански шампион; освојувач на пет медали на европски првенства и еден на светски куп.

Куртовиќ е еден од архитектите на стручните реформи на Карате федерацијата на Македонија (КФМ) како една од најорганизираните и најуспешни федерации во земјата како претседател на стручниот совет на КФМ (9 години), член на Управниот одбор, член на Директориумот, но и претседател на Комисијата за наука и спорт при Македонскиот олимписки омитет. Во последната деценија е и предавач на Универзитетот ФОН во Скопје.

Scroll to Top