Top Sport

Одбојкарите се подготвуваат за Ф4 турнирот: Браќата Ѓорѓиеви статистички најдобри во Европската лига

Според полуфиналниот статус, македонските одбојкари не отстапија од пласманот во претходните сезони во Сребрената европска лига. Ниту еднаш не пропуштија да се најдат во престижното друштво, годинава со три победи во групата, со променлива игра, но што е најважно, сепак, се најдоа на завршниот турнир.

Иако во составот не беа тројца стандардни, Љафтов, Николов и Ангеловски, а потоа се повреди Костадин Ричлиев, одбојкарската репрезентација на Македонија извади билет за Ф4 турнирот во Будимпешта наредниот викенд, заедно со нашиот ривал во полуфиналето Финска, со Романија и со домаќинот Унгарија.

Сега на сите треба да им биде полесно, на селекторот Ратко Павличевиќ затоа што со намален играчки кадар успеа да ја достигне досегашната одредница, на играчите затоа што во последните два меча потсетија на убавите времиња кога во Европската лига добивавме натпревари со звучни репрезентации како Полска, Естонија, Турција, Бугарија…

Пред саботното полуфинале со стариот должник Финска, младите веројатно сфатија дека можат да одговорат на предизвикот. Филип Савовски е прв блокер во натпреварувањето со 21 поен од овој елемент, односно во просек – еден на сет. Илиев е наш трет реализатор со 54 поени, но покрај нападот, тој и Костиќ треба да бидат значителна поддршка во приемот како основен елемент за нашата игра. Искуството на Милев како либеро на последните две средби целосно ја крена македонската репрезентација, па примачите беа посигурни во нападот играјќи на чисти топки.

Техничарите се стандардни, Ѓорѓи Ѓорѓиев имаше најдобар процент (60,61) во Европкста лига воопшто, но со Деспотовски, кој е вкупно четврти според ефикасноста кај организаторите, ние ги забележавме победите над Романија и над Босна и Херцеговина.

}orНикола Ѓорѓиев е константа, повторно е апсолутен поентер и во златниот и во сребрениот сегмент со над шест поени во сет во просек, вкупно 148 на шест натпревари. Радува и големиот исчекор на Маџунков, кој е втор стрелец кај нас, а речиси половина од 57-те поени вкупно ги освои на претходните две пресметки на кои имаше одличен процент во напад. Се разбира, сето тоа беше можно поради стабилниот прием како резултат на одлуката Владо Милев да застане на позиција либеро.

Scroll to Top