Поранешниот претседател на Шпанската атлетска федерација, Хозе Марија Одриозола застана во одбрана на Интернационалната асоцијација на атлетски федерации (ИААФ) и нивното правило за ограничувањето на нивото на тестостерон кај атлетичарките, инсистирајќи дека светската и олимписка шампионка на 800 метри, Јужноафриканката Кастер Семенја е „биолошки маж“.
Одриозола, кој е професор по биохемија и член на бордот на ИААФ, смета дека атлетичарките со превисоко ниво на тестостерон имаат огромна предност пред конкуренцијата и дека Семенја мора да ги почитува правилата.
„Таа тврди дека ИААФ е против неа, но правилата се исти за сите. Нејзиниот случај почна уште на Светското првенство во 2009 година. Таа има XY хромозоми, како мажите, и контролите го покажаа тоа. Семенја има повеќе тестостерон од повеќето мажи и тоа и дава неверојатна предност“, вели Одриозола.
Случајот на ИААФ стигна и до Судот за арбитража во спортот (ЦАС) во Лозана и до швајцарскиот федерален суд, но на крајот Семенја нема да може да настапува на СП во атлетика доколку одбива медицински да го намали нивото на тестостерон во нејзиното тело.