Нов член на „најбрзиот циркус“ од 2026 година ќе биде познатиот американски „Кадилак“, соопшти Формула 1 организацијата.
Светската автомобилска федерација (ФИА) и Ф1 дадоа конечно одобрение за тимот на Кадилак да им се приклучи на Ферари, Мекларен, Ред Бул и други, а тимот, поддржан од TWG Motorsports и General Motors, ќе влезе во натпреварувањето во 2026 година.
ФИА и управата на натпреварувањето објавија дека новиот тим ги исполнил сите услови за да се приклучи на Формула 1 и да стане 11. екипа во шампионатот.
Во оваа прилика изјава даде извршниот директор на натпреварот Стефано Доменикали.
„Како што рековме во ноември, посветеноста на General Motors да го донесе Кадилак во Формула 1 беше важна и позитивна демонстрација на нивната желба да го унапредат нашиот спорт. Би сакал да им се заблагодарам на General Motors и TWG Motosports за нивниот конструктивен ангажман во преговорите во текот на изминатите месеци и со нетрпение очекувам да му посакам добредојде на тимот на почетокот на сезоната во 2026 година“.
Претходно беше најавено дека новиот тим во Формула 1 ќе користи мотори на Ферари во својата дебитантска сезона.
Инаку, базата на тимот на Кадилак е во британскиот Силверстоун.