Наоми Осака е фантастична тенисерка која не се плаши да зборува и за нејзините ментални проблеми, борбата против расизмот и дискриминацијата, но сега е носител на неславната титула на најомразена тенисерка на Твитер, каде што младата Јапонка добива огромен број на негативни пораки.
Последната анализа на „Пиквајс“ околу Твитер и тенисот во 2021 година, покажува дека освојувачката на четири гренд слема добила 32.415 негативни твитови, од кои мнозинството беа на Ролан Гарос, кога таа реши да се откаже и да не зборува со новинарите објавувајќи дека страда од депресија.
На второто место на „ужасната“ листа е Американката Серена Вилијамс со 18.118 негативни твитови, пред Шкотланѓанецот Енди Мареј со 11.732. Новак Ѓоковиќ е четврти со 8.439 твитови, иако да потсетиме се работи за 2021, пред случувањата околу неговото одбивање да се вакцинира и скандалот со одбивањето на австралиската виза.
Има луѓе кои го мразат и Роџер Федерер, кој е на шестото место со 4.261 навредливи твитови, додека Рафаел Надал има само 3.588 негативни твитови и е на осмото место.