Top Sport

Осака се намачи со Костјук, Мартиќ првпат во осминафинале

Двократната гренд слем шампионка, Јапонката Наоми Осака ја преживеа битката од два и пол часа, за со 6:3/6:7(4)/6:2 да ја победи украинската тинејџерка Марта Костјук за пласман во осминафиналето на САД опен.

Осака, која ја освои титулата во 2018 година имаше доста проблеми со 137-рангираната 18-годишна Костјук на „Артур Еш“, но на крајот доминираше во третиот сет за да стигне до победата. Следна за четвртата носителка е подобрата од дуелот меѓу Естонката Анет Контавеит и Полјачката Магда Линет.

Осмата носителка, Хрватката Петра Мартиќ ја прекина фантастичната низа на Русинката Варвара Грачева, победувајќи со 6:3/6:3 за прв пласман во четвртото коло на САД опен во кариерата. Мартиќ осигура три брејка во првиот сет, и Грачева, која претходно се врати од 6:1/5:1 за победа над Кристина Младенович во второто коло, не успеа да го продолжи својот прв престој на гренд слем турнир.

„Играв со Варвара пред неколку недели во Прага и знаев што може да направи. Сака да се бори до последното и многу е брза, така што беше важно да ја победам бргу“, вели Мартиќ.a

Scroll to Top