Top Sport

Оже-Алиасим го „суреди“ Циципас, нов незгоден пораз за Зверев

Канадскиот тинејџер Феликс Оже-Алиасим стана најмладиот тенисер во последните 20 години со полуфинале на Квинс клаб во Лондон, откако го совлада првиот носител Стефанос Циципас со 7:5/6:2.

18-годишната тениска сензација со пласманот во полуфиналето го израмни рекордот на Лејтон Хјуит, кој во 1999 година на 18 години стигна меѓу најдобрите четири на подготвителниот турнир за Вимблдон.  Ова беше трет меч во само 24 часа за Канаѓанецот по одложувањето поради  дожд, но тој беше свеж против грчкиот фаворит.

Во Хале пак, двократниот финалист Александер Зверев доживеа незгоден 3:6/6:1/7:6(3) пораз од Давид Гофан во четврт-финалето. Гофан спаси 7 од 10-те брејк топки за победа по 2 часа и 16 минути и дуел во полуфиналето со Италијанецот Матео Беретини, кој со 6:2/7:6(4) го победи рускиот трет носител, Карен Хачанов.

Scroll to Top