Светскиот шампион во тешка категорија според ВБО федерацијата, Новозеланѓанецот Џозеф Паркер вели дека тој ќе биде првиот што ќе го нокаутира Ентони Џошуа и покрај желбата на фановите да видат дуел на Британецот со Американецот Дионтеј Вајлдер.
Во 2018 година дефинитивно ќе видиме некој меч за окрупнување на појасите, бидејќи Паркер е носител на ВБО верзијата на титулата, Џошуа ги има ВБА и ИБФ појасите, додека Вајлдер е ВБЦ шампион.
Паркер би можел да влезе во рингот со Џошуа уште во март или април, по што до крајот на годината доколку го мине Новозеланѓанецот, Џошуа би можел да направи „мега-меч“ со Вајлдер за големи пари.
Меѓутоа, Паркер вели дека никој друг не треба да го чека Џошуа.
„Си размислував за борбата со Џошуа. Ја почитувам неговата моќ, но не гледам друг победник освен самиот себе во тој меч. Не верувам дека може да ме допре. Тој не знае да се движи, бргу се уморува, а има само еден куп мускули. Нема шанси да ги преживее 12-те рунди со мене“, вели Паркер (24-0, 18 нокаути).